Условите во кои учат децата во подрачното ОУ “Васил Главинов” во велешкото село Клуковец ја вознемирија детската амбасада МЕЃАШИ 15 ФЕВРУАРИ 2017
Условите во основното училиште „Васил Главинов“ во велешкото село Клуковец ја вознемирија и детската амбасада „Меѓаши“ во Скопје. Претставници на оваа Амбасада излегоа на терен за одблиску да ги видат просториите во кои се одвива наставниот процес. Директорот на Меѓаши, Драги Змијанац, ги потсети државните институции дека Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на децата и дека одговорните институции се должни на секое дете да му овозможат право на настава и нормални услови за одвивање на наставниот процес.
Во Министерството за образование, првиот човек на оваа институција, Пиштар Љутфиу, се сретна со градоначалникот на општина Велес, Славчо Чадиев, со кого освен за условите во училиштето во Клуковец, разговараше и за ангажирање на наставник. Љутфиу соопшти дека утре, заедно со претставници на МОН, ќе го посетат училиштето во ова село при што ќе направат проценка на состојбата на училишната зграда и ќе утврдат дали истата може да се реновира или пак, ќе биде потребно да се изгради нов училиштен објект за учениците од Клуковец. Инаку, околу 50 ученици во ова училиште, по тринеделниот бојкот на наставата поради тешките услови, повторно се вратија во училишните клупи. Сепак, доколку властите не ги одржат дадените ветувања за подобрување на условите за наставата, бојкотот може повторно да започне. https://www.youtube.com/watch?v=Au3XBWURx7M&feature=youtu.be